Пронајдени остатоци од исчезнатата подморница, најверојатно се мртви сите 53 членови на екипажот

пред 3 години

Остатоци од подморницата на индонезиската морнарица, која исчезна неделава со 53 члена на екипажот, се пронајдени длабоко во морето кај Бали, што оди во прилог на стравувања дека пловолото потонало и се случила имплозија, изјави денеска шефот на морнарицата.

Подморницата „КРИ Нангала 402“ исчезна без трага во средата рано наутро во близина на индонезискиот остров Бали, додека учествувала во воени вежби.

Остатоците откриени во саботата вклучуваат и предмети од внатрешноста на подморницата, како сунѓери, шишиња со маст и предмети што се користат за молитва. Телата на членовите на екипажот не се пронајдени, изјави началникот на штабот, адмирал Јудо Маргоно.

„Нангала“ е изградена да издржи притисок на водата на длабочина од 500 метри, но остатоците се пронајдени на длабочина од околу 850 метри, што е далеку под она што се нарекува „длабочина на дробење“.

На таа длабочина, дури и челичниот труп на подморницата скоро сигурно ќе пукне од притисокот.

Екипи од неколку земји, заедно со индонезиската морнарица, со денови ги пребаруваа водите северно од Бали. Времето беше клучно бидејќи, според проценките, кислород во подморницата требаше да снема денеска.

Според морнарицата, во „Нангала“, која е изградена за да прими 34 членаови на екипажот, за време на исчезнувањето имало 53 лица.

Индонезиската морнарица во соопштението вели дека истражува дали подморницата останала без напојување за време на нуркањето.

Со воздушно пребарување на областа претходно беше откриено излевање нафта во близина на последната позната локација на подморницата.

Scroll to Top