Реконструкција на грчката Влада, промени во неколку министерства, Дендиас останува во МНР

пред 3 години

Промени во неколку Министерства и промена на позицијата владин портпарол, направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при денешната реконструкција на неговата Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Промени има во Министерството за труд каде што дојде Костис Хаѕидакис од Министерството за енергија и животна средина, додека пак досегашниот министер за труд Јанис Вруцис остана вон Владата, исто како и досегашниот министер за внатрешни работи Такис Теодорикакос, на чие место дојде министерот за земјоделство Макис Воридис.

Воедно тие се и единствените министри кои не се вклучено во новиот владин состав.

Досегашниот портпарол на Владата и заменик-министер под премиерот за комуникации и информирање Стелиос Пецас заминува на позицијата алтернативен министер за прашања поврзани со самоуправа, додека пак на негово место доаѓа пратеникот Христос Тарандилис.

Нема промени на челните позиции во Министерствата за надворешни работи, за финансии, за развој и инвестиции, за одбрана, за здравство, за туризам, за образование, за цивилна заштита, за труд и социјални работи, за култура и спорт, за правда, за дигитална политика, за транспорт и врски, за поморство и островска политика.

Направени се одредени промени на позициите заменици и алтернативни министри, како на пример Ставрос Калафатис на местото на Теодорос Караоглу на позицијата заменик-министер за внатрешни работи надлежен за Македонија и Тракија.

Во владиниот состав, по денешната реконструкција повеќе не е алтернативниот министер за миграција и азил Јоргос Кумуцакос, а во конкретното министерство воведена е нова позиција, заменик-министер задолжен за интеграција на бегалците.

Во однос на Министерството за надворешни работи на Грција, нема никакви промени, Никос Дендиас останува шеф на грчката дипломатија, Милитиадис Варвициотис и понатаму ќе биде алтернативен министер за европски прашања, како и Костас Франкојанис и Костас Власис кои остануваат на нивните заменички места задолжени за економска дипломатија, односно за теми поврзани со дијаспората.

– Мандатот на Владата не е предвидлива права линија. Се појавуваат нови предизвици и потреби кои наметнуваат реорганизација на потенцијалот со користење на лица во нови или различни улоги во работата на владата. Секоја влада мора, во соодветно време, да покаже флексибилност, рече новиот портпарол на грчката Влада Тарандилис соопштувајќи го новиот состав.

Новите членови на Владата, утре ќе положат свечена заклетва.

Scroll to Top