Се вакцинираа министри во грчката Влада и опозицискиот лидер Ципрас

пред 3 години

Четворица министри од грчката Влада, како и лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас денеска ја примија вакцината на Фајзер/Бионтек на вториот ден од вакцинацијата во Грција.

За разлика од грчкиот премиер и претседателката на земјата чија вакцинација се пренесуваше во живо, лидерот на СИРИЗА, одбра вакцината да ја прими без присуство на камери, само со фотографи.

По вакцинацијата, Ципрас порача дека граѓаните не треба да чувствуваат несигурност за вакцината.

-Граѓаните имаат секакви причини да чувствуваат несигурност поради досегашното управувањето со пандемијата од владата на Нова демократија, поради нејзините постапки и главно поради нејзините криминални пропусти. Но, не постои никаква причина да чувствуваат несигурност во однос на вакцината и вакцинацијата, рече лидерот на СИРИЗА.

Денеска вакцината ја примија и министрите за здравство, за дигитална политика, за цивилна заштита, како и владиниот портпарол, кои на социјалните мрежи споделија фотографии од процесот.

„Операцијата Слобода“, односно вакцинацијата во Грција започна вчера, а први ја примија вакцината медицинска сестра и повозрасен граѓанин згрижен во дом за стари лица.

По нив следеа претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, шефот на Комисијата на епидемиолози Сотирис Циодрас, претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, генералниот секретар на партијата МЕРА25 Јанис Варуфакис, претседателката на Националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду, началникот на Генералштабот на грчката армија Константинос Флорос и митрополитот Јеротеос, како претставник на поглаварот на ГПЦ.

За сега, кај никој од вакцинираните во Грција во текот на вчерашниот ден не се појавиле некакви реакции од вакцината.

Scroll to Top