САД воведоа санкции против Турција за набавката на рускиот систем С-400, Анкара го нарече потегот „голема грешка“

пред 3 години

САД воведоа санкции против Управата за воена индустрија на Турција и четворица високи официјални личности од раководството на оваа институција.

Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека мерките се донесени поради турската набавка на рускиот ракетен систем С-400.

-И покрај предупредувањата, Турција продолжи со набавката и тестирање на рускиот систем С-400. Денешните санкции против турската воена индустрија целосно ја демонстрираат волјата на САД за почитување на Актот за спротивставување на противниците на Америка со санкции (КААТСА), истакна државниот секретар Мајк Помпеo во Твитер порака.

Toj додаде дека САД не толерираат крупни зделки со одбранбениот сектор на Русија.

Санкционирани се раководителот на Управата за воена индустрија, Исмаил Демир, неговиот заменик Фарук Јигит, началникот на одделот за противвоздушна одбрана и вселената, Серхат Генцоглу, и раководителот на програмата на регионалната Управа на системот за противвоздушна одбрана, Мустафа Алпер Дениз.

Санкциите предвидуваат замрзнување на нивниот имот во САД и забрана за патување во земјата.

Турција ја оцени одлуката на САД да воведат санкции како „голема грешка“ и најави дека ќе му возврати на Вашингтон на начин што ќе го смета за неопходен, бидејќи повеќепати го повикуваше ова прашање да го надминат со дијалог.

Турското Министерство за надворешни работи ги повика САД, инаку НАТО сојузник на Анкара, да ја сменат ваквата „неправедна одлука“ што може да им наштети на билатералните односи на двете земји.

Министерството проценува дека одлуката за воведување санкции е „необјаснива“, откако Вашингтон повеќепати ја одби понудата на Анкара за формирање заедничка работна група.

Scroll to Top