САД воведоа задолжителен негативен тест и карантин за патниците што влегуваат со авион

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша наредба според која сите што патуваат во САД со авион треба да имаат негативен тест за коронавирус пред да се качат и да бидат во карантин по пристигнувањето во земјата.

– Поради новите варијанти на Ковид за кои учиме, воведуваме нова мерка за луѓето кои пристигнуваат со авион во САД од други земји, рече Бајден во говорот со кој го објави планот на неговата влада за борба против коронавирусот.

– Покрај задолжителното носење маска, секој што ќе дојде во САД со авион од друга земја ќе мора да биде прегледан пред да се качи во авионот и да се стави во карантин кога ќе пристигне во Америка, додаде Бајден.

– Нашата национална стратегија е сеопфатна, таа се базира на наука, а не на политика, таа се базира на вистина, а не на негирање, рече претседателот.

– Нашиот план започнува со агресивна, безбедна и ефекасна кампања за имунизација за да се исполни нашата цел да инјектираме 100 милиони дози вакцина во првите 100 дена од нашата администрација, додаде тој.

Бајден предупреди дека САД најверојатно ќе достигнат 500.000 смртни случаи од Ковид-19 следниот месец.

Новиот претседател потпиша голем број уредби за спроведување на стратегијата за борба на неговата влада против коронавирусот. Тие имаат за цел да го забрзаат производството на вакцини, тестирање, поддршка на истражување за нови третмани, собирање и анализа на податоци.

Scroll to Top