Секој трет пациент што бил во болница со Ковид-19 има долгорочни последици

пред 3 години

Секој трет хоспитализиран пациент со коронавирус има долгорочни здравствени проблеми, вклучувајќи проблеми со различни органи и влошено ментално здравје – ова се наведува во ново истражување за долгорочните ефекти на вирусот.

Прегледот на студијата е објавен во списанието Nature Medicine и се фокусира на зачестеноста на симптомите кај пациенти со „долг Ковид-19“. Најчестите тегоби биле заморот, отежнатото дишење, анксиозност, депресија и посттрауматски стрес.

Авторите на студијата забележуваат дека владите треба да истражуваат повеќе и да најдат начини да им помогнат на луѓето да се справат со тој ефект.

Некои пациенти имаат долгорочни проблеми со белите дробови и дишењето, но студиите исто така покажаа дека вирусот напаѓа и други органи, што доведува до разни компликации, вклучувајќи кардиоваскуларни болести и хронични воспаленија.

Прегледани се осум научни студии за долгорочните ефекти на инфекцијата со коронавирус во Европа, САД и Кина. Кај некои пациенти е откриено дека имаат проблеми со неколку органи, повеќе месеци по отпуштањето од болница.

Триесет отсто од пациентите имаат барем еден симптом, како што се замор, отежнато дишење или психички проблеми.

Една студија во Италија со 143 пациенти покажа дека 90 отсто имале симптоми 60 дена по закрепнувањето од коронавирусот. Најчести се замор (53,1 отсто), отежнато дишење (43,4 отсто), болки во зглобовите (27,3 отсто) и болка во градите (21,7 отсто).

Повеќе од половина од пациентите и два месеца по излегувањето од болница, имале повеќе од еден симптом.

Три студии во Франција, Велика Британија и Кина покажуваат дека помеѓу 25 и 30 отсто од пациентите имаат проблеми со спиењето неколку недели по закрепнувањето, додека кај 20 отсто од пациентите хоспитализирани поради Ковид-19 кои чувствуваат долгорочни симптоми, е забележано опаѓање на косата.

Scroll to Top