Се врти ли Европа кон руските и кинеските вакцини – денеска се одржува важен состанок

пред 3 години

Европа е во блокада, има проблеми со вакцините и процесот на вакцинација. Во меѓувреме, Кина добива влијание, дури и во рамките на ЕУ. Исходот од денешната видео-конференција на групата 17 + 1 со кинеските челници се очекува со голем интерес.

„Светот ќе биде поинаков по короната“. Врз основа на ова верување, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и некои други водечки политичари, формулираа апел во кој се повикува на меѓународна солидарност, а овој апел го објавија и од некои големи германски дневни весници.

Кога Меркел и Макрон велат дека „светот по короната ќе биде поинаков“, тогаш тоа има врска со геополитиката. Германската канцеларка, наводно, на владина седница изразила загриженост дека земјите од Источна Азија би можеле да преземат многу подисциплиниран пристап во борбата против пандемијата и да ги укинат економските ограничувања многу порано од Европејците – што значи дека Европа би можела да се најде во дефанзива.

Министерот за здравство Јенс Шпан е убеден дека Русија и Кина ја спроведуваат својата геополитика со помош на вакцините. Двете земји доставија вакцини во Србија – земја која сака да стане членка на ЕУ. Унгарската влада, која е критикувана од остатокот на ЕУ за дефицит во владеењето на правото, исто така негува блиски контакти со Москва, а Будимпешта, прави обиди да набави вакцини од Кина и Русија.

Шпан во интервју за „Дојче веле“ предупреди: „Мора да бидеме претпазливи да не ги правиме истите грешки како за време на финансиската криза“. Наместо да се најде европски инвеститор во тоа време, пристаништето Пиреја во Грција беше продадено на Кинезите, се присетува Шпан, додавајќи:

„Истото важи и за вакцините сега. Кина и Русија ја водат надворешната политика со помош на вакцини, обидувајќи се да го прошират своето влијание. ЕУ мора да мисли на своите соседни региони, од хуманитарни, како и од сопствени геостратешки интереси“, кажа тој.

Но, во ситуација кога ЕУ е под притисок поради доцнење на вакцинациите, погледите повторно се насочуваат кон исток. Шефицата на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајан, кој беше сериозно критикувана во последните неколку дена поради бавната набавка на вакцини, сугерира дека е отворена за идејата за издавање дозволи за употреба на руски и кинески вакцини во Унијата, но само откако овие вакцини ќе бидат темелно тестирани.

Руските и кинеските вакцини можат да ги пополнат постојните празнини во снабдувањето со вакцини, но исто така тоа може да се сфати како признавање на слабост од страна на ЕУ.

За вакцината ќе се разговара и на денешниот виртуелен состанок на 17 шефови на држави и влади од источна и југоисточна Европа со шефот на кинеската држава Си Џинпинг. Конференцијата требаше да се одржи во април минатата година во Пекинг, но беше откажана поради пандемијата. Фактот дека во меѓувреме не беше можно да се организира видео-состанок, некои го толкуваа како знак на неуспех на иницијативата основана во 2012 година во Варшава под името „16 + 1“. Грција се приклучи подоцна. Аналитичарите шпекулираат дека иницијативата сега може да се спаси преку кинеската вакцина.

Scroll to Top