Се појавуваат докази дека новиот тип на коронавирусот е посмртоносен, вели Борис Џонсон

пред 3 години

Новата, мутирана варијанта на коронавирусот која беше идентификувана во Велика Британија би можела да биде не само полесно пренослива, туку и посмртоносна од основниот тип на вирусот, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон.

„Исто така, изгледа дека сега се појавуваат некои докази дека новата варијанта… би можела да биде поврзана со повисока стапка на смртност“, рече Џонсон на прес-конференција.

Главниот владин научник Патрик Валанс рече дека новиот тип на вирусот би можел да биде за 30 отсто посмртоносен, иако нагласи дека на располагање се малку податоци.

Тој посочи дека за еден 60-годишен човек, шансите за смртен исход при инфекција со оригиналниот вирус се движеле околу 10 во 1.000. Кај новата варијанта, оваа бројка скока на 13 или 14, рече Валанс.

„Низ различните возрасни групи, ќе забележите слично релативно зголемување на ризикот,“ додаде тој.

Британија поминува низ најтешките денови од почетокот на пандемијата, а третиот бран, кој е последица на брзото ширење на новиот сој на вирусот, донесе рекордни дневни биланси на заразени и починати.

Во земјата од почетокот на пандемијата се заразиле околу 3.5 милиони луѓе, а близу 100.000 (95.981) починале.

Scroll to Top