Социјалните мрежи го отсекоа Трамп од светот – претседателот блокиран на Твитер, Фејсбук, Јутјуб

пред 3 години

Најголемите светски социјални мрежи ги блокираа профилите на американскиот претседател Доналд Трамп на најмалку 24 часа, по вчерашните безредија и упадот во зградата на Конгресот од страна на неговите приврзаници.

Трамп, кој за време на мандатот постојано ги користеше мрежите за да комуницира со јавноста, е блокиран на Твитер, Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и на Твич, според американските медиуми. Одлуките за блокирање на профилите ќе бидат разгледани повторно откако ќе изминат 24 часа, по што може повторно да му биде дозволено да ги користи, велат претставници на компаниите-сопственички на социјалните мрежи.

Твитер синоќа, откако се случи упадот во Конгресот, го блокираа профилот на Трамп, официјално поради „повикување на насилство“. Јутјуб ја избриша снимката во која Трамп зборува за инцидентите во Капитол Хил, повикувајќи се на заштитата на националната безбедност.

Дел од либералните медиуми повикаа на целосн привремена забрана на Доналд Трамп да ги користи мрежите.

„Неопходно е Доналд Трамп да се тргне од сите платформи, затоа што не се знае колкава штета ќе ѝ нанесе на американската демократија, а милиони луѓе ги загубија профилите на мрежите за далеку помалку опасни работи,“ напиша порталот The Verge.

Од друга страна, многу корисници на социјалните мрежи коментираа дека потегот на Твитер, Фејсбук и Јутјуб е кршење на правата на користење на мрежите и обид за цензура и за забрана на слободниот говор.

Scroll to Top