Срам за елитната воена академија „Вест поинт“, питомци препишувале на онлајн испит по математика

пред 3 години

Седумдесет и три курсисти на најпознатото американско воено училиште, академијата „Вест-поинт“, се обвинети за препишување на испитот по математика, кој се полагаше онлајн со оглед на далечинската настава поради пандемијата на коронавирусот во САД, јавија денеска некои американски медиуми.

Претставник на академијата, лоцирана во сојузната држава Њујорк, соопшти дека 55 курсисти признале дека ги нарушиле правилата на испитот, кој се полагаше во мај годинава.

-Програмата за кодот на честа и развој на карактерот во „Вест Поинт“ останува силна, и покрај далечинската настава и предизвиците од пандемијата, изјави заменик поручник Кристофер Офард, портпарол на академијата.

Најголем дел од нив мораат да поминат шестмесечна програма за рехабилитација со фокус на етика. Тие до крајот на обуката во „Вест поинт“ ќе бидат на пробна настава.

Измамата на испитот била откриена кога наставниците ги оценувале добиените задачи и забележале чудни совпаѓање. Се соопштува дека еден од академците бил втора година, додека останатите се запишани на прва.

Во „Вест Поинт“ дипломирале личности како поранешните претседатели Јулисис Грант и Двајт Ајзенхауер, актуелниот државен секретар Мајк Помпео и екс-министерот за одбрана Марк Еспер.

Ова е најголемиот скандал со измами за време на испит во елитниот колеџ од 1976 година, кога 143 кадети си дадоа оставка или беа исклучини бидејќи препишувале на испит по електротехника.

Scroll to Top