Србија набави уште два милиони дози од кинеската вакцина на „Синофарм“

пред 3 години

Србија потпиша договор со кинеската компанија „Синофарм“ за набавка на нови количини на вакцини, пренесуваат српските медиуми.

На потпишувањето присуствуваше српскиот претседател Александар Вучиќ и амбасадорката на Кина во Белград, Чен Бо.

Како што се наведува, Вучиќ преку видео-врска разговарал со претставници на компанијата за процесот за набавка на вакцините, за изградбата на фабрика за производство на кинеската вакцина во Србија, како и за изградба и опрема на српските болници.

За време на состанокот, потпишан е и договорот за купување на нови два милиони дози на вакцини од компанијата „Синофарм“.

Вучиќ се заблагодари на претседателот на Кина, Си Џинпинг, раководството на Комунистичката партија и претставниците на „Синофарм“ за помошта во снабдувањето со вакцини и рече дека најголемиот број српски граѓани биле вакцинирани со таа вакцина.

„ Тој посочи дека српските експерти дале многу високо мислење за квалитетот и безбедноста на вакцината Синофарм“, се вели во соопштението.

Претседателот на групата „Синофарм“, Лиу Џингжен, изјави дека се среќни затоа што можат да обезбедат поддршка на луѓето во Србија во борбата против вирусот.

„Ја цениме довербата на граѓаните во нашиот производ“, рече тој.

Scroll to Top