Србија почнува со вакцинација со Фајзер од следната недела

пред 3 години

Првите дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во Србија в понеделник или вторник, вели министерот за здравство, Златибор Лончар и додава дека во првата транша ќе пристигнат нешто помалку од 5.000 дози и дека тие ќе ги примаат корисниците на домови за стари лица.

Тој изјави дека дозволата за увоз на вакцини на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ е издадена вчера во Агенцијата за лекови и медицински помагала и додаде дека првите дози ќе пристигнат според ветеното до крајот на годинава.

– Сериозен успех е ако се знае дека само неколку земји во Европа и светот можат да се пофалат дека ќе имаат вакцини во тој период – им рече министерот на новинарите во Нови Сад.

Тој се надева дека другите производители ќе ја добијат лиценцата и дека граѓаните на Србија ќе имаат можност да изберат вакцина.

Лончар истакна дека вакцинацијата ќе биде бесплатна.

Како што вели, Србија е меѓу првите кои добиваат вакцини, бидејќи била една од првите пет земји во светот што потпишале договор со „Фајзер“.

Scroll to Top