Судир меѓу безбедносните сили на Филипини и трговци со дрога, најмалку 13 загинати

пред 3 години

Најмалку 13 лица, меѓу кои и еден полицаец, загинаа, а двајца полицајци се повредени во акција на безбедносните сили на Филипините против трговци со дрога.

Полициската операција е извршена во градот Султан Кудрат, на островот Минданао.

Во судирот загинале 12 лица за кои се претпоставува дека се трговци со дрога, како и еден полицаец.

Филипински официјални претставници истакнаа дека судирот избил откако безбедносни сили биле испратени во тој регион со налог за претрес. Во престрелката двајца полицајци се повредени.

Оваа операција се смета како „најкрвава“ од почетокот на годинава во борбата на филипинскиот претседател Родриго Дутерте против трговците со дрога.

Претседателот Дутерте, кој е на оваа функција од 30 јуни 2016 година, уште тогаш најави жестока борба против трговијата со наркотици и корупцијата. Тој предупреди дека лицата осомничени за трговија со дрога би можеле да страдаат.

Од 2016 година се убиени повеќе од 5.800 осомничени за продажба на дрога, а од истите причини се уапсени 256.000 лица.

Филипинските и меѓународните организации за заштита на човековите права ја критикуваат Владата на Дутерте поради строгиот пристап кон ова прашање.

Scroll to Top