Тајгер Вудс во тешка состојба по сообраќајката, виден како „лета“ пред да се преврти со џипот „Генесис“

пред 3 години

Според многумина најдобриот голфер на сите времиња, Тајгер Вудс, е во сериозна состојба откако денеска доживеа тешка сообраќајна несреќа, возејќи сам со својот луксузен џип „Генесис ГВ80“ во предградие на Лос Анџелес, јавуваат американските медиуми.

Неколку часа по несреќата немаше официјални информации околу состојбата на славниот спортист, а некои медиуми објавија дека имал повеќекратни скршеници на нозете. Но, властите попладнево по локално време соопштија дека повредите на Вудс, кој бил свесен кога возило на итната помош го пренесувало во болницата, биле сериозни и дека тој се наоѓа во тешка состојба.

ТМЗ објави снимка од диспечерскиот повик на итните служби околу сообраќајната несреќа, кој сугерира дека спасителните служби веднаш знаеле дека за да го извлечат Вудс од возилото, ќе мора да ја употребат специјалната машина за такви случаи, наречена „вилици на животот“.

Според извори на веб-страницата, Вудс престојувал во хотел во кој се снимало големо телевизиско шоу, а кога утрото пристигнал режисерот, тој за малку ќе бил удрен од џипот на Вудс, кој возел со голема брзина на излезот од хотелот. Режисерот бил потресен и откако паркирал, им раскажал на колегите за инцидентот.

Друг извор на ТМЗ од телевизиската екипа изјавил дека пред да тргне од паркингот на хотелот, џипот на Вудс бил блокиран од друго возило и тој не можел да излезе, па изгледал „нервозно и нестрпливо“. Откако се ослободил излез, тој заминал со голема брзина, вели изворот.

Причината за несреќата се истражува, а од одделот на шерифот посочија дека на местото често се случуваат сообраќајки, поради делниците со удолници полни со кривини.

„За среќа, внатрешноста на колата беше помалку или повеќе негибната, што му овозможило возилото да не се згмечи и Вудс да преживее,“ изјави претставник на властите.

Scroll to Top