Џонсон: Славете го Божиќ исклучително внимателно

пред 3 години

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ги повика Британците да го слават Божиќ „исклучително внимателно“ додавајќи дека иако програмата за вакцинација почнала многу добро, асимптоматскиот пренос на Ковид-19 сè уште претставува закана.

– Многу сум задоволен што можам да кажам во Долниот дом дека многу добро ја почнавме програмата за вакцинација … треба да бидеме крајно внимателни во начинот на кој го славиме Божиќ, рече Џонсон на пратеничко прашање дали луѓето треба да бидат внимателни на прославите.

Од полноќ во Лондон и некои делови на Есекс и Хертфордшајр ќе бидат воведени построги мерки за ограничувања поради зголемениот број случаи на заразени со коронавирус.

Многумина вчера ја искористиле последната можност да ги посетат пивниците и терасите на отворено. Од денеска ноќните клубови, кафулињата и рестораните ќе можат да служат пијалак само за носење.

Декември му донесе нови проблеми на британскиот угостителски сектор. Промените ги најави министерот за здравство Мет Хенкок во понеделникот, што предизвика незадоволство меѓу угостителите.

Scroll to Top