UNODC: Албанија главен снабдувач со канабис на европскиот нарко пазар

пред 3 години

Во извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, UNODC, се наведува дека Албанија и понатаму е главната земја во Европа, кога станува збор за потеклото на канабисот во периодот 2014-2018 година, додека пак албанските криминални групи веќе се прошириле низ цела Европа, главно во трговија со кокаин од државите на Јужна Америка.

Се додава дека по 2014 година, кога полицијата конечно влезе во селото Лазарат, кое се сметаше за центар на марихуаната, сега ова наркотично растение се одгледува на целата територија на земјата.

-По успешната операција во Лазарат во 2014 година, забележано е зголемување на цените на канабисот (од 200-300 евра за илограмг во 2014 година на 1.300 евра – 2.000 евра за килограм во 2015 година). Потоа, имаше масовно одгледување низ целата земја, особено во 2016 година. Една година подоцна, во 2017 година, забележана е рекордна заплена на овој вид дрога или 19 отсто од вкупната заплена во Европа,се наведува во извештајот.

Се додава дека канабисот произведен во Албанија игра голема улога во неколку земји во регионот, особено во Црна Гора (пријавено потекло на речиси 100 отсто од целата запленета колична во 2017 година), Хрватска (90 отсто од запленатата количина во 2018 година), Северна Македонија (70 отсто од целата запленета дрога канабис во 2018 година), Босна и Херцеговина (70 отсто во 2017 година) и Грција (61 отсто во 2018 година).

-Албанија беше важна транзитна земја по најпрометната рута за трговија со хероин во светот, Балканската рута, која потекнува од Авганистан и за крајна дестинација ја има Западна Европа. Но, според извештаите, улогата на земјата како транзит на хероин е намалена и Албанија се помалку ја споменуваат земји како Италија и Франција, додека се уште се споменува од Швајцарија. За разлика од ова, се чини дека расте важноста на Албанија како транзитна земја за латино-американскиот кокаин во Западна Европа,се наведува во извештајот.

Во него опфатено е и прашањето на изречените казни, кои, како што се наведува, поголемиот дел се за одгледување наркотични средства, а помалку за перење пари, додека се констатира дека нема многу казни за организирани криминални групи.

Се додава дека, врз основа на интервјуа, трговијата со дрога и производството се чини дека често пати се поврзани со организираниот криминал, кој, сепак, има многу ниско ниво на казни во Албанија.

-Ова ја покажува потребата подетално да се испита во која фаза случаите потфлиле и да се продолжи со анализа на причините за овие неуспеси, се наведува во извештајот.

Се констатира дека организираниот криминал е под влијание и на високото ниво на корупција и се искажува скептичност во врска со напредокот на процесот на проверка на потеклото на имот, односно ветингот.

Поткупот, корупцијата и попречувањето на правдата се некои од алатките што го олеснуваат организираниот криминал.

-Корупцијата е сериозен проблем во Албанија, особено во рамките на полицијата и институциите за спроведување на законот. Владата воведе реформи во правдата и промени во законите за полициски персонал и ветинг. Како и да е, и покрај постојните апсења и гонења на јавни службеници за мито, немаше осудувани во набљудуваниот период, се наведува во извештајот.

Во извештајот се забележува дека албанските криминални групи „добиле во значење“ во меѓународната трговија со кокаин во голем број други европски земји во последните неколку години, вклучувајќи ги Италија, Германија, Грција, Швајцарија, Белгија и Австрија.

Како пример се наведува дека албанските криминални групи со седиште во Велика Британија воспоставиле контрола и влијание низ целата земја на пазарот за трговија со дрога, особено на кокаинот.

Scroll to Top