Францускиот претседател, Емануел Макрон, ги повика муслиманските лидери во земјата да подготват своевидна Повелба на вредности што во иднина ќе се почитуваат, а со која Исламот се дефинира како аполитичка религија.
Би-Би-Си пренесе дека тој на вчерашната средба со исламските лидери на Францускиот совет на муслиманската вера им дал рок од 15 дена да ја прифатат повелбата, според која Исламот е религија, а не политичко движење.
Исто така, во повелбата се наведувало дека е забрането „странско мешање“ со муслиманските групи во Франција, како и обврската за почитување на вредностите на Републиката.
Макрон, исто така, предложил и формирање Национален совет на имами.
Оваа иницијатива и своевиден ултиматум се случува по трите напади од радикални исламисти што се случија во последниот месец во Франција.
Макрон најави и нови мерки во борбата против, како што во повеќе наврати го нарекува, „исламистичкиот сепаратизам“ во Франција.