Филхармонија организира концерт во чест на маестро Сашо Николовски – Ѓумар

пред 3 години

На 4 февруари (четврток) во Филхармонија ќе се одржи концертот „Фанфари за еден пријател“, посветен на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017). Ѓумар е еден од најзначајните диригенти на македонската музичка сцена со кого оркестарот реализираше голем број концерти.

„Фанфари за еден пријател“ ќе ги вклучи делата „Фанфари за обичниот човек“, едно од најзначајните концертни увертири на американскиот композитор Арон Копланд, композицијата „Фанфари за Ла Пери“ на францускиот композитор Пол Дика, „Фанфари за измачените“ од младиот македонски композитор Ангел Спироски и други.

Диригент на концертот е Габриел Бебешелеа, кој е шеф-диригент на Македонската филхармонија. Концертот почнува во 20 часот.

За потсетување, маестро Саша Николовски-Ѓумар ненадејно почина 2017 година на 50-годишна возраст. Тој беше еден од најистакнатите диригенти и професор на Факултетот за музичка уметност. Ѓумар го паметиме по настапите со Македонската филхармонија и по претставите во Македонската опера и балет, по настапите на Мајските оперски вечери, на Охридско лето, но и по концертите со што ги започна уште како уметнички раководител на академскиот хор – „Мирче Ацев“. Тој беше уметнички директор и шеф диригент на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, а веднаш по дипломирањето основач и диригент на Интернационалниот оркестар за современа музика „Синтезис“, но и уметнички директор и диригент на ансамблот за современа музика „Св. Софија“ и Македонскиот камерен оркестар.

 

 

 

Scroll to Top