(Видео) „Клеопатра била Македонка, за жал не најдовме македонска актерка што може да ја глуми“, вели Гал Гадот по критиките за улогата во новиот филм

пред 3 години

Израелската филмска ѕвезда, Гал Гадот, која во новиот филм ќе ја глуми египетската кралица Клеопатра, во интервју за „Би-би-си“ вели дека таа по потекло била Македонка. Со ова Гал им се спротивстави на обвинувањата на Египјаните, кои велат дека оваа улога треба ја да игра арапска или африканска глумица. Со нив се сложуваат и некои филмски критичари, кои сметаат дека популарната глумица не е вистинскиот избор.

„Ако сакате да бидете верни на фактите, тогаш, факт е дека Клеопатра била Македонка. Баравме македонска актерка што ќе може да го глуми ликот на Клеопатра, но не ја најдовме, а јас имав многу голема желба да ја глумам, па улогата ми ја дадоа мене. Јас сакам да го славам наследството на Клеопатра и да ја испочитувам оваа неверојатна историска икона на која толку многу ѝ се восхитувам“, вели Гадот во интервјуто.

Контроверзиите поврзани со филмот почнаа уште во октомври, кога Гадот објави дека ќе ја глуми Клеоптара и дека ќе биде копродуцент на филмот. Хана Флинт од „Гардијан“ ја нарече одлуката „чекор назад за репрезентацијата во Холивуд“, а режисерот Лекси Александар изјави дека требало да се одбере афро-американска актерка, повикувајќи се на реконструкцијата на лицето на Клеопатра.

„Имам пријатели од целиот свет, без разлика дали се муслимани или христијани, католици или атеисти, будисти или евреи… Луѓето се луѓе, а јас својот лик сакам единствено да го искористам за да го прославам наследството на Клеопатра“, додава таа.

Гадот вели и дека секој може да ја искористи својата креативност како што сака и да сними своја верзија на филмот.

„Јас сум решена и премногу возбудена за мојата нова улога и ќе го остварам она што го имам замислено“, вели таа.

Клеопатра била родена во античката египетска престолнина Александрија и таа е последниот владетел во династијата основана од македонскиот генерал Александар Велики Птоломеј, чии потомци управувале со Египет 300 години.

Долго време се сметаше дека таа потекнува од белци, но постои мистерија околу идентитетот на нејзината мајка, заради што се верува дека Клеопатра можеби била со мешано потекло. Во 2008 година, египтологот Сали Ен Ештон од музејот Фитцвилијам во Кембриџ создаде реконструкција на нејзиното лице од слики на антички артефакти. Тоа покажа дека Клеопатра имала мешана етничка припадност.

„Таа веројатно не била чиста Европејка. Мора да запаметиме дека нејзиното семејство навистина живеело во Египет 300 години до моментот кога таа дошла на власт“, изјави Д-р Ештон во тоа време за „Дејли меил“.

Следната година, во документарец на „Би-би-си“, посветен на откривањето на скелетот на сестрата на Клеопатра, Арсиное, се тврдеше дека таа имала мешано потекло.

Но, на почетокот на оваа година, Кетрин Бард, професор по археологија и класични студии на Универзитетот во Бостон, за „Њузвик“ изјави дека претходните истражувања се погрешни. „Клеопатра била бела, со македонско потекло, како и сите власти на Птолемеј, кои живееле во Египет“ вели таа.

За потсетување, низ годините прославената кралица ја глумеле многу бели актерки, а најпозната од нив е Елизабет Тејлор која ликот на Клеопатра го толкуваше во филмот од 1963 година, заедно со својот тогашен маж, Ричард Бартон.

 

Scroll to Top