Доживеав три мозочни удари и срцев удар: Открива Деми Ловато

пред 3 години

Пејачката Деми Ловато, во најавата за нејзиниот документарец „Танц со ѓаволот“, првпат прозборе за нејзиното предозирање во 2018 година, кога доживеала три мозочни удари и срцев удар. Таа откри дека лекарите ѝ кажале дека од смртта ја делеле 10 минути.

28-годишната пејачка го најави документарецот кој ќе биде промовиран на Јутјуб на 23 март.

„Благодарам на моето семејство, пријатели и обожаватели што останаа покрај мене сите овие години додека учам и растам. Јас сум толку возбудена што конечно ја споделувам оваа приказна со вас. Имав три мозочни удари и срцев удар. Лекарите ми рекоа дека имам уште пет до десет минути живот. Предозирањето ми предизвика оштетување на мозокот и јас и денес се справувам со последиците“, вели пејачката во најавата.

Ловато во 2018 година беше итно пренесена во болница, откако беше пронајдена во бесознание во нејзиниот дом. Таа со години се бореше со зависноста од кокаин и алкохол и извесно време помина на рехабилитација. Пред настанот во 2018 година, била чиста шест години.

Еден месец пред предозирањето, таа ја објави песната Sober во која навести дека се вратила на дрогата. Преку песната им се извини на родителите и обожавателите за повторното посегнување по опијати.

Во минатото, Ловато неколку пати искрено зборуваше за злоупотребата што ја доживеала како дете и за нарушувањата во исхраната со кои се борела со години. Таа откри и дека страда од биполарно растројство.

Scroll to Top