Почина Властимир Велисављевиќ, актерот со неверојатна животна приказна кој никогаш не замина во пензија

пред 3 години

Една од легендите на српскиот и југословенскиот театар, филм и телевизија, актерот Властимир Власта Велисављевиќ, почина вчеравечер на клиника во Белград од компликации на Ковид-19.

Иако ретко беше во фокусот или играше главни ликови, 94-годишниот Велисављевиќ во долгата кариера зад себе остави над 350 впечатливи улоги и никогаш не замина во пензија. Во моментот на смртта, доживотниот почесен член на Југословенското драмско позориште играше во три претстави на сцената на матичниот театар, со што беше најстариот активен актер во историјата на српскиот театар.

Велисављевиќ беше примен во болница во Белград минатата недела, а неговата сопруга откри дека веројатно се заразил кога бил да го регистрира својот автомобил, кој редовно го возеше и покрај возраста.

Велисављевиќ имал неверојатна животна приказна – тој во Втората светска војна, како 17-годишно момче бил затворен од нацистите и испратен во концентрационен логор, од каде успеал да побегне и да се врати во Југославија. Но, немал среќа и по ослободувањето – не сакајќи да го предаде кумот, кој бил офицер во армијата обвинет за сталинизам, на почетокот на 50-те години актерот бил осуден и поминал време во затвор на Голи Оток.

Кариерата на Велисављевиќ траеше неверојатни 72 години – од неговите почетоци во предвоените белградски театри како 12-годишно дете, до улоги во филмови и серии кои ги добиваше и без проблем ги играше се до својата смрт. Актерот има над 1.600 изведби на претставата „Болва во уво“ заедно со колегите од матичниот театар, што е уште еден рекорд што го држи.

Власта Велисављевиќ, кој и покрај сите неволји во животот остана ведар, вреден, насмеан и шармантен, можеби најдобро може да се објасни со анегдотата која за него ја раскажа млада српска режисерка – на една од пробите за претстава минатата година, кога таа се обидела нешто да му објасни, легендарниот глумец ја прекинал и ѝ рекол: „Знам јас тоа, не мораш да ми објаснуваш како да имам сто години“.

Scroll to Top