Бугарите од Македонија повикуваат на прекин на блокадите и враќање на патот на соработката

пред 4 години

Софија да се откаже од политиката на евентуална блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, а земјава да покаже поголем капацитет за објективен пристап во однос на историјата, бараат Бугарите, кои живеат во Македонија, обединети во Бугарскиот културен клуб – Скопје. Тие испратија Меморандум до премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во кој предлагаат да се донесе патоказ во однос на работата на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања. Целта на предложениот патоказ е двете земји да се вратат на патот на соработката кој е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Нагласуваат дека непријателски акт е секој обид кој директно или индиректно ги оспорува заедничката историја на Бугарија и Македонија, постоењето на две држави и два народа кои се рамноправни наследници на таа заедничка историја, тврдењата дека една од државите или еден од народите „го крадеʺ културното или историското наследство на другата држава, или на другиот народ, како и обидите на една од државите или еден од народите да „ја смениʺисторијата на другата држава, или на другиот народ. Во однос на јазикот, ја повикуваат бугарската страна да престане да поставува какви било услови, како поставување на ѕвездички или какви било опструкции за користењето на македонскиот јазик како официјален во сите меѓународни организации. -Секоја независна држава има право да го определува својот официјален јазик, кој може да е меѓународен јазик како што се англиски, француски, шпански, арапски итн., или да изгради и кодифицира свој национален јазик и да го нарекува како што самата ќе процени, се вели во Меморандумот. Истовремени се повикува Република Северна Македонија да влезе храбро во процесот на објективизација на својата историја. -Време е сите граѓани, самите да дознаат за дејноста на преродбениците и револуционерите преку нивните дела, а не преку посредници кои од политички цели ги плашат дека некој се обидува да ни ја смени историјата. Историјата не може да се смени ! Таа се случила така, како што се случила независно од политичките манипулации, велат од БККС. Предлагаат во духот на потпишаниот Договор, премиерите на двете држави да договорат патоказ за работата на историската комисија, во кој треба детално да се опише временски и како содржина во детали работата на историската комисија, но и резултатите кои се очекуваат од неа. Како основа за содржината на патоказот за работата на историската комисија која ја предлага БККС е Рамковата позиција на Бугарија во врска со проширувањето на ЕУ и процесот на стабилизирање и асоцирање: Република Северна Македонија и Албанија од 9 октомври 2019 година, се вели во Меморандумот од БККС. Текстот Бугарите од Македонија повикуваат на прекин на блокадите и враќање на патот на соработката е превземен од А1он .

Scroll to Top