(ВИДЕО) Костадинова Стојчевска: Со измени на Кривичниот законик ќе го прошириме фронтот против насилството, ќе се спречат нови слуачи на „Јавна соба“

пред 3 години

„Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ е силно посветено на градење на фер, праведно и правично општество за сите.

Општество во кое нема места за какво било физичко, психичко или сексуално вознемирување. Општество насочено кон превенција на насилството и заштита на жртвите.

Случајот „Јавна соба“ ја потврди потребата од законски измени во насока на брзо и ефикасно институционално делување, особено имајќи го предвид брзиот развој на социјалните мрежи и новите дигитални платформи и медиуми“, рече Бисера Костадинова Стојчевска, пратеничка на СДСМ.

„За поефикасна и сеопфатна борба против насилството, Министерството за правда најави измени и дополнувања на Кривичниот законик со воведување на две нови кривични дела „Демнење“ и „Сексуално вознемирување’ кои веќе се во подготовка.

Водејќи се од јавниот интерес и поголем степен на заштита на граѓаните и граѓанките, очекуваме наскоро пред Владата, а потоа и пред пратениците да се најдат овие измени и дополнувања со цел да обезбедиме простор за поширок фронт против секој вид на насилство.

По разгледување на прелог измените и дополнувањата, очекуваме конструктивна дебата и поддршка од сите пратеници за усвојување на новиот Кривичен законик.

Ја користам оваа прилика, од овде од Собранието да упатам апел до надлежните институции за брзо и ефикасно решавање на случајот „Јавна соба“ но и на други случаи на физичко и сексуално насилство.

Апелираме Обвинителството и судот да постапуваат брзо, одлучно и професионално и да бидат суштински дел од институционалниот одговор во санкционирањето на сексуалното и родово базираното насилство.

Не смееме и нема да дозволиме ниту една форма на насилство или повреда на права на жени, девојки или кој било граѓанин, да останат неказнети.

Само на тој начин ќе спречиме нови „Јавни соби“ само на тој начин ќе обесхрабриме нови насилства и посегнување по личните слободи на граѓаните и граѓанките.

Жртвите на секаков вид насилство треба да знаат дека не се сами, државата, институциите се тука за да ги заштитат но и соодветно да ги казнат сите оние кои сториле каков било вид на насилство“, изјави Бисера Костадинова Стојчевска, пратеничка на СДСМ.

Scroll to Top