(ВИДЕО) Лефков: Преку фирма која постои од 2017 и има само тројца вработени Заев и Филипче сакале да ја набават кинеската вакцина

пред 3 години

Фантом фирмата Стабри Интернешенал преку која Заев и Филипче сакале да книжат провизии од кинеските вакцини е регистрирана само 3 месеци по формирањето на владата на Зоран Заев во 2017 година. Ова се документи од Централниот Регистар на Хонг Конг од кои се гледа дека истата е формирана на 22 септември 2017 година – рече на прес конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

„На фантом фирмата Стабри Интернешенал според нашите документи и се префрлени 12.5 милиона долари за 200.000 вакцини, односно Заев и Филипче на оваа фирма и платиле 100% повисока цена од највисоката цена за која се продавани кинеските вакцини. Имено додека цел свет купува кинески вакцини за максимум 30 долари Заев и Филипче платиле 62.5 евра. Или што би се рекло на струмички 30 за Синофарм, 30 за Вицето“ – рече Лефков.

Тој праша како фирма која има само тројца вработени, а според него ова документите го потврдуваат тоа, успева да го убеди Филипче дека ќе набави кинески вакцини, кое е портфолиото на фирмата и дали тој ја истражил пред да стапи во соработка.

„Од документите кои ги имаме се гледа дека фирмата е формирана со само 10.000 Хонг Конг долари основен капитал, односно 1.000 евра. За јавноста да сфати, ова е единствената гаранција која истата ја има и е јавно достапна, а е депонирана како основачки капитал. Според информациите од Централниот регистар истата нема други средства“ – рече Лефков.

ВМРО-ДПМНЕ очекува ЈО да ги земе во предвид сите документи и информации објавени во медиумите, како и овие денес, и да ја отвори истрага веднаш.

Лефков порача Љупчо Николовски наместо да мачка путер, заедно со Заев и Филипче да си дадат оставки веднаш.

Scroll to Top