(Видео) Мисајловски: Фалсификат македонски пасош добил и член на италијанска мафија

пред 3 години

Фалсификат македонски пасош издаден од МВР добил и Валид Иса Хмаис, преку кој италијанската мафија ги перела парите од трговијата со кокаин, тврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

„Денес ќе ви презентираме и нови документи доставени од свиркач до ВМРО-ДПМНЕ. Дали македонски пасош издаден од МВР на Спасовски и Заев имал и еден од главните соработници на италијанската мафија? Валид Иса Хмаис кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската нарко мафија на 09.01.2019 година во Скопје во регуларна постапка се сликал во управните служби на МВР, а потоа и го подигнал македонскиот пасош со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо роден 1965-тата година“, рече Мисајловски.

Тој прашува дали е ова вистина или како што нарекуваат од СДСМ само перцепција?

Според Мисајловски, Валид од 2017 година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, два пати во месец јануари 2019 година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција.

Според последните информации објавени во италијанските медиуми, додаде тој, наводно се наоѓа на островската држава Маврициус.

„Македонија станала Колумбија на Балканот. Не смее оваа афера да заврши со одговорност само на службеници. За аферата „Мафија“ морале да знаат и одговорните лица во МВР и Владата. Зашто нема никаква потерница по овие лица кои добиле легален македонски пасош со скриен или лажен идентитет“, праша Мисајловски.

Мафијаши од ваков калибар, додаде тој, влегувале во македонската полиција да се сликаат, и сакаат сега од владата на Заев и Спасовски да не уверат дека ниту еден полициски службеник не приметил дека станува збор за исклучително опасни луѓе?

Тој праша зашто МВР нема истрага за тоа дали отворале банкарски сметки, зашто и по инсистирање на партнерските безбедносни служби Спасовски и МВР не превземале ништо за санкционирање на овој скандал и афера и каде завршиле парите кои ги плаќале за издавање на овие пасоши?

Scroll to Top