(ВИДЕО) Пендаровски: Не може да обвинувате дека не го почитуваме Договорот, а во исто време да додавате барања кои се надвор од здравиот разум

пред 3 години

Вчерашната вест од Брисел сите ја примивме со големо разочарување. За жал, точката за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ од страна на германското претседателство беше помината само информативно и не беше донесена никаква одлука – вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за австриската ORF.

„Никаде во Договорот од 2017 нема ниту една единствена група, а не член, не пасус, не преамбула или како било дел кој зборува дека ние треба да дебатираме во рамки на тие билатерални разговори за етничкото потекло на нас Македонците. Нема ниту една единствена буква, дел, артикл, член, што било, кој вели дека ние мораме да преговараме со бугарската страна за тоа дали јазикот на кој сега јас зборувам со вас е македонски или не е“ – вели во дел од интервјуто Пендаровски.

Пендаровски смета дека Бугарија не може да обвинува за прекршување на договорот и со диктат да наметнува услови и да кажува како треба да се чита историјата.

„Вие не може да обвинувате дека не го почитуваме Договорот, а во исто време да додавате барања кои, освен што излегуваат од здравиот разум и одат наспроти базичните демократски вредности, просто не се содржани во Договорот. Значи, едно е ако некој не го имплементира Договорот, и јас велам дека во тој дел квалификацијата би била дека во некој аспект имаме успорување на тој Договор, посебно во дело на комисијата за историчари, и се разбира тоа е и наш интерес да го динамизираме“ – потенцира Пендаровски.

Scroll to Top