Во Битола денеска протест против полициската бруталност

пред 4 години

Повеќе граѓански организации за денеска во Битола најавија протест против полициската бруталност, за кој повод е завчерашниот инцидент во кој полицајци претепаа тројца битолчани од ромска националност што претходно предизвикале сообраќајна незгода, возејќи пијани.

Протестниот марш е најавен за напладне, а граѓаните ќе се движат од главната пошта во градот до седиштето на битолската полиција. Организаторите нагласуваат дека ќе биде обезбедена редарска служба, маски и средства за дезинфекција.

Протестот го организира иницијативата Аваја, заедно со здруженијата, Ромалитико, Романо Авази, Ромаверзитас, Баирска Светлина, Сумнал, Ромско Јато. Токму од Аваја го споделија видеото на кое се гледа полициската бруталност на социјалните мрежи, кое предизвика бројни реакции во јавноста.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера соопшти дека полицаецот кој на снимката се гледа како тепа еден од граѓаните добил кривична пријава и суспензија од работното место, додека негов колега кој го придружувал и не презел никакви мерки за да го спречи насилството, исто така е суспендиран и против него ќе биде покрената дисциплинска постапка.

Невладините организации го осудија полициското насилство и дискриминацијата врз Ромите и побараа итна и темелна истрага.

Извор: a1on.mk

Scroll to Top