Во Охрид загрижувачка бројка заразени со коронавирус, модуларната болница е исполнета

пред 3 години

Во Општата болница во Охрид моментно има вкупно 63 пациенти со симптоми на коронавиросот. Целосно е исполнет капацитетот на модуларната болница што работи во рамки на општинскиот ковид-центар, дел од пациентите се на интерното одделение, а суспектни случаи се сместени на Одделението за геријатрија.

Директорот на установата Горан Балевски појасни дека 40-тина од хоспитализираните пациенти се на кислородна поддршка, некои од нив со потешка клиничка слика, а најмладиот од нив има 37 години.

На барање на управата на болницата за потребите на ковид-центарот се обезбедени уште девет контејнери за модуларната болница. После нивното ставање во функција, откако ќе бидат климатизирани и поврзани на електричната и водоводната мрежа, капацитетот на модуларната болница ќе биде зголемен за дополнителни дваесеттина легла.

Балевски уште истакна дека од сабота почнува ревакцинацијата на здравствените работници од ковид-центарот во Охрид. Втората доза од вакцината „Фајзер“ ќе ја примат 80-тина од медицинскиот персонал што беа вакцинирани во перидоот од 19 до 22 февруари.

За руската вакцина „Спутник 5“ пријавени се 50 здравствени работници, воглавно персонал ангажиран врз принцип на ротација, односно лекари, сестри, лаборанти, болничари што се дополнително ангажирани на петте пунктови за прием и третман на случаи со коронавирус, а се од останатите болнички одделенија.

Според последните податоци, Охрид е на четвртото место меѓу градовите со најголем број активни случаи на коронавирус. Моментно во градот има регистрирано 428 лица инфицирани со Ковид-19.

Scroll to Top