Во Франција ќе се извезе линданот, а во Холандија контаминираната почва од кругот на ОХИС

пред 3 години

Во Франција ќе се извезе линданот, а во Холандија ќе биде извезена контаминираната земја под линданот во кругот на фабриката ОХИС. Од малата депонија до почетокот на наредната година до колку дозволат условите со пандемијата, би се отстраниле првите количини од 700 тони контаминирана почва.

Ова како што информира портпаролот на Владата Душко Арсовски го предвидува планот за ремедијација на локацијата во фабриката, кој започнува со денешното издавање дозволи од министерот за животна средина.

– Со издавањето на ова решение денеска од министерот за животна средина почнува имплементацијата практично на планот за ремедијација. Во постапката за издавање на две дозволи за извоз на опасен отпад од страна на Министерството согласно Базелската конвенција, во Франција ќе се извезе линдан, а во Холандија ќе биде извезена контаминираната земја под линданот во кругот на фабриката. Според временската рамка предвидено е процесот на отстранување на делот од малата депонија да заврши до почетокот на наредната година до колку дозволат условите со пандемијата при што би се отстраниле првите количини, тоа се 700 тони контаминирана почва, изјави портпаролт Арсовски на новинарско прашање кога ќе започне процесот на отстранување на линданот од фабриката.

Арсовски и колегата Муамет Хоџа на денешната прес – конференција информираа дека Владата вчера на 65-тата седница го одобри планот за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на фабриката.

Ова решение, како што информираа од владината прес-служба, следува откако UNIDO, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството за животна средина дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности „Polyeco“ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД „ОХИС“- Скопје.

На прашањето зошто Владата не ги објави авторските трудови на хонорарците на Петрит Сарачини, Ивана Митрова, Ибраимовски, Арсовски истакна дека сите хонорарно ангажирани лица од страна на Владата имаат авторски договори на определен рок за точно утврдени цели и задачи.

-Владата транспарентно ги објави сите овие податоци како стандард што до сега го немало во СМ. Точно се знае за што Владата анагажира физички лица надвор од редот на вработените. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост. Квалитетот на извршувањето на задолженијата го оценува Владата. Делата, трудовите и анализите кои се подготвени од соработниците непречено ги користат службите во Владата и институциите при реализацијата на различни проекти од интерес на граѓаните, рече Арсовски.

Scroll to Top