Годинашните „Денови на Јустинијан Први“ посветени на религијата

пред 3 години

Религијата е тема на 8. Интернационален научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први“, на кој денеска и утре во шест работни сесии со најнови научни истражувања од областа на византологијата учествуваат 50-ина научници од 17 земји од Европа, САД и Австралија.

Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан Први и има цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

Претседателот на организацискиот одбор Митко Б. Панов истакна дека делото на Јустинијан има општоевропска димензија и затоа пораката е, рече, обединувачка за сите земји во светот да се приодонесе со научноистражувачката дејност.

– Фокусот на симпозиумот годинава ќе биде на религијата и како таа била, на некој начин, и спојувачка, но и сепаратистичка алка. Целта на овој симпозиум е преку брендот на Јустинијан да демонстрира обединувачка деимензија, дека византиското наследство претставува обединувачки елемент кој го споделуваат сите земји во Европа и како таков треба да го почитуваме заедно сите, изјави Панов.

За разлика од минатите, оваа година поради пандемијата научниците учествуваат онлајн, а дел се физички присутни во Музејот на македонската борба. Панов тоа го спореди со епохата на Јустинијан во која исто такка, рече, имало ваков тип предизвици и дека човештвото секогаш се справувало со нив.

-Користејќи ја модерната технологија успеавме сите овие научници да ги обединиме преку онлајн-платформа и со физичко присуство. Ова е хибриден настан кој ќе овозможи Скопје повторно да биде центар на овие збиднувања и еминентните професори ќе може да ги презентираат своите најнови научни резултати, додаде Панов.

Меѓу учесниците е и познатиот византолог, проф. Антонио Риго од Италија. Тој е претседател на Италијанскиот византолошки комитет, кој ќе биде домаќин на Светскиот византолошки конгрес кој во 2022 ќе се одржи во Венеција и Падова.

На отворањето беше промовиран и зборник со излагања од минатогодишниот, седми симпозиум „Денови на Јустинијан Први“. Симпозиумот е во организација на Институтот за национална историја-Скопје и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“.

Симпозиумот е годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа.

Scroll to Top