Димитровски: Академијата за реинтеграција на маргинализирани лица во Струмица им го менува животот на зависниците

пред 4 години

Академијата за реинтеграција на маргинализирани лица во Струмица им го менува животот на зависниците – ги прави корисни за општеството, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски во Струмица.

Тој кажа дека Проектот „Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ преку Центарот за развој на Југоисточен плански регион во партнерство со Здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанци – ИЗБОР од Струмица, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа е навистина еден уникатен пример како да им се помогне на оние кои се зависници од психоактивни супстанци, од алкохол, дрога, и тоа на начин на кој тие ќе бидат ресоцијализирани, не само лекувани.

„Токму преку проектот ќе се овозможи унапредување на постоечките услуги во југоисточниот регион за подобро вклучување на маргинализираните лица на пазарот на труд. Во износ од над 6 милиони денари набавена е опрема потребна за работно оспособување за пекарство, пакување на производи, градинарство и цвеќарство со цел збогатување на програмата за реинтеграција за стекнување на вештини на професионално оспособување за маргинализирани лица“, рече министерот.

За Сократ Манчев, претседателот на здружението ИЗБОР, овој проект нуди можност за професионална рехабилитација заради реинтеграција на лица со попреченост, и други маргинализирани групи.

„Самиот проект предвидува голем склоп на активности, економски активности преку кои ќе се обидеме не само да ги вработиме тие луѓе, да им најдеме работа, туку и да направиме една само-одржливост на нашата организација“, појаснува Манчев.

Scroll to Top