Заев: Државниот архив е темел на нашиот идентитет

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше како покровител на свечениот настан по повод 70 години од формирањето на Државниот архив на Република Северна Македонија.

„Оваа институција која е темел на нашиот идентитет и сведок на нашата историја, култура и традиција, несомнено има значајна улога, пред сѐ, како чувар на нашата колективна меморија и националните вредности“, рече Заев.

Според него, Државниот архив е историско-научен храм кој претставува мост помеѓу минатото и иднината.

„Почетна точка во истражувачката генеза за најзначајните елементи поврзани со идентитетот на еден народ. Бидејќи архивскиот материјал е заштитено историско и културно наследство и е наше трајно националното богатство, Државниот архив за нас претставува еден од столбовите на нашиот идентитет и наша афирмација на меѓународен план“, додаде премиерот.

Потсети дека пред оваа значајна институција, како предизвик и приоритет стои процесот на дигитализација кој поинтензивно ќе почне да се спроведува во втората половина од оваа година. Со тоа, додаде Заев, Државниот архив ќе биде рамноправен со европските и светски архиви и ќе може многу полесно и поуспешно да соработува со нив и со сите останати кои имаат интерес за материјалите што се чуваат во оваа институција.

На настанот беа присутни и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Ирена Стефоска, директорот на Државниот архив Емил Крстески и др.

Scroll to Top