Заев: Секогаш сме постапувале како што барала Турција, но за екстрадиција е потребна судска пресуда

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со припадници на Фето во Северна Македонија и одредени компании, изјави дека ние со целосна посветеност и внимание сме постапувале секогаш за барањата на Република Турција, но дека за евентуална екстрадиција на одредени лица потребно е за нив да има судска пресуда.

Заев посочи дека имајќи ги предвид пријателските односи со Турција која е наш долгогодишен поддржувач во НАТО , ЕУ и еден од најголемите инвеститори во земјата со целосна посветеност и внимание секогаш сме постапувале за нивните барања и врз основа на соработката, пред се, на безбедносните служби, но и на соодветните министерства, како што е Министерството за правда.

-Сме постапувале согласно нашите закони, согласно меѓународното право, согласно пријателството и стратешкиот однос што го имаат Република Турција и Република Северна Македонија и во едни такви околности прво, секако дека сме направиле проверка од наш домашен безбедносен аспект за сите луѓе под сомневање или слично за детални анализи за парите, потеклото, луѓето, однесувањето, за барем дел од овие компании кои ги кажавте каде што работат граѓани од Турција. Еден дел од нив имаат и македонско државјанство, и секако тоа сме го направиле од наш безбедносен аспект, второ сме го направиле заради тоа што и Турција упатила пријателски ноти да работиме околу делот на безбедноста, рече премиерот.

Сите документи за лица кои живеат и работат тука, како што нагласи, се согласно закон издадени и секако е направена дополнителна контрола од безбедносен и секаков друг укажувачки аспект од Република Турција.

-Лично јас сум го информирал претседателот на Турција, премиерот на Турција, но и нашите министри за надворешни работи порано Димитров, сега Османи, нашите министри за внатреши работи имаат одлична соработка. За сите детали околу отворени прашања за организиран криминал со таканаречената група Фето. Ние јавно го осудивме обидот за пуч и за ненасилен начин за симнување на легална и демократска власт избрана во Република Турција. Јас лично и многу наши официјални претставници во државата и денеска секако тоа го реафирмирам заради тоа што не сакаме никаде во светот, а најмалку во пријателските земји да се случуваат недемократски активности за симнување на власт кои секако за жал имаа човечки загуби и последици, и оставија трага дури и кај нас дома, да не зборувам колкави се тешки последиците во Турција. Соодветен ангажман и анализа се уште чека документи од Турција за евентуална екстрадиција на одредени луѓе. Република Турција знае за сите детали за постапките, но знае и за меѓународното право и за нашето законодаство кое што всушност е исто или слично со турското законодавство, а тоа е да се има пресуда, судски документи за одредени граѓани за да можат да постапат нашето Министерство за правда и нашите соодветни правосудни институции. Но, и таму кога побарале соодветно постапување е разбрано од Република Турција и секако ако се достават дополнителни докази согласно меѓународното право за постапување, секако дека ќе постапиме, рече Заев.

Премиерот рече дека не би си дозволил да каже некои детали поради одредени класифицирни информации.

-Сакам да потврдам дека соработката помеѓу Република Македонија и Република Турција е на одлично ниво. Постоја нераскинливи врски помеѓу нашите народи. Турција е наш стратешки партнер, еден од најголемите поддржувачи на нашите интеграции, пред се, во НАТО, во ЕУ. Денес таа е наш НАТО партнер. Турција е еден од поголемите помагачи на целиот наш македонски народ, од делот на образованието, на Армијата, МВР, здравството, културата и многу други сегменти од секојдневниот живот. И за тоа сме исклучително благодарни на целиот турски народ, рече Заев.

Меѓу другото, потсети дека еден од најголемите инвеститори е Турција преку своите компании.

Scroll to Top