„Тортура“ пред пресуда, Мијалков слуша како страдал Бошкоски од апсењето по негова нарачка

пред 3 години

Јавниот обвинител Љубомир Лапе во завршните зборови за случајот „Тортура“ одново објасни какви страдања предизвикало апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година, кога пред камери беше претресуван и врзуван со лисици, а потоа и насилно легнуван на земја, по апсењето од полициските службеници. Лапе објасни дека Бошкоски имал и повреди, како хематоми, но и траги од лисици. Сето ова, во судницата го слушаше првообвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, заедно со полициските службеници. Обвинителот Лапе објасни дека од снимките прибавени од МВР, а кои се емитуваа и на националните телевизии, се гледа како во Бошкоски биле вперени и пиштоли, додека насилно е легнат на земја.

„Последицата од кривичното дело е неспорна и целосно докажана, односно со докажаниот начин на апсење и прикажувањето на снимките, кај Бошкоски било предизвикано душевно страдање како битен елемент од кривичното дело. Втората група докази се во врска со кривичната одговорност на непосредните извршители, а се однесуваат на начинот на лишување од слобода. Тука спаѓаат видео снимката, писмената документација, а од кои се дава одговор за начинот на апсење на Бошкоски. А каков бил тој? Зарем има поголем доказ од снимката која е безгласна и заматена, а од која се гледа апсењето, а се прикажуваше на сите медиуми и во ударните вести во 2011 година. Во времето кога е снимана, на дел од медиумите одеше незаматена. Но, со обично пребарување на интернет, ќе видите дека таа е избришана“, рече Лапе.

Полицајците кои го апселе, го притискале Бошкоски со нозе на повеќе делови од телото. Снимките биле сечени и монтирани, објасни обвинителот Лапе, што според него е доказ дека биле сечени делови каде било употребена прекумерна сила. Лапе потсети дека постои и снимка од прислушуваните разговори меѓу ексминистерката Гордана Јанкуловска и тогашниот портпарол Иво Котевски, а каде, тие разговараат дека на Бошкоски му бил ставен пиштол во уста. Психичката состојба на Бошкоски била сериозно нарушена, покажале вештачењата, како и сведочењата на докторите кои го лекувале.

„Вештите лица во заклучокот од вештачењето заклучиле дека апсењето предизвикало акутна психичка реакција, односно душевно страдање, се манифестирало со гушење, состојба на шок, заплашеност и пониженост. Сите овие докази не беа оспорени од странките. Љубе Бошкоски на докторот му објаснил дека имал страв за иднината, како и суицидни идеи, што значело психичко растројство“, кажа во дел од завршниот збор, обвинителот Лапе.

На судењето беше наведено дека немало отпор од Бошкоски при апсењето, а според Лапе, тоа требало да спроведено само со ставање на лисици, а не легнување на земја, притискање по телото и вперување на пиштол.

„Видно од доказите, на 06.06.2011 година, на паркингот пред ресторанот Воденица, Бошкоски е лишен од слобода од овие полициски службеници и дузина други, односно од околу 25 полициски службеници. Петар Милошоски и Јован Боцевски сами изготвиле извештај дека оправдано употребиле сила, Ивица Анчевски оценил дека употребата на сила е оправдана, бидејќи тој ја дал наредбата Бошкоски да се апси на земја. Сите полициски службеници пишале дека Бошкоски се дал во бегство, па тие употребиле полициска сила. Ова некој би рекол дека е апсење како по учебник. Но, тие сами кажаа дека тргнале во акција откако Бошкоски се движел кон колата, тие во ресторанот не викале ‘Стој полиција’. Тие требале само да им стават лисици и толку“, рече Лапе.

Според обвинението, апсењето на Бошкоски е по нарачка на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Обвинети се поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Анчевски Пуки и уште петмина припадници на единицата. Обвинителството ги гони обвинетите за мачење и сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, додека обвинението го застапува јавниот обвинител Љубомир Лапе.

Scroll to Top