Заев: Убаво е што понекогаш за некои прашања сме различни со Пендаровски

пред 3 години

Коментирајќи ја изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски кој рече дека не се согласува со предлогот во лична карта да се впишува и етничката припадност, премиерот Зоран Заев денеска истакна дека e логично во одредени моменти и за одредени прашања да имаат различни ставови со шефот на државата.

„Убавината на луѓе кои веруваме во исти вредности е во тоа што понекогаш за некои аспекти сме различни. Сепак претседателот е прв во државата. Ова е за мене вредно за внимание. Нормално на првиот состанок ќе разговараме за аргументациите“, истакна премиерот.

Заев објасни дека целиот процес произлезе од уставните промени а го предложи како што рече сериозна политичка партија Беса.

„Тогаш јавно објавивме дека ова е прифатливо, секако е во духот на Преспанксиот договор. Личната карта е документ за идентификација и точно е тоа. Во мултиетничко општество кога помалите заедници се гласни ние не смееме да останеме неми“, додаде премиерот.

Според него, во случајот, најголемата етничка заедница – Македонците не губат ништо.

„Ќе има опишано Македонци, ќе бидат опишани Албанци, секако ќе водиме грижа за сите етнички заедници во државата. Но секако државјанството е една карактеристика која што е задолжителна во сите документи а никаде не е забранета, ниту пак ограничена да биде етничката припадност”, додаде Заев.

Порача дека нашата земја е многу поразлична од другите по мултикултурниот живот и тоа богатство треба да се негува и надградува.

Scroll to Top