Затворски казни за издавање на лажни пасоши на странци со криминално досие

пред 3 години

Четири затворски казни и една условна за лицата кои признаа дека изработувале лажни пасоши на странци со криминално досие. Судечкиот совет на Кривичниот суд на Денис Баруфи му изрече 2,7 месеци затворска казна, на Ален Личини му изрече 2.3 години казна затвор, на Ѓорѓе Велков му изрече две години затвoрска казна, а на Фарух Беља му изрече 2 години условна казна затвор.

Сите овие лица се вработени во управните служби на МВР. На обвинетата Наздрие Зековиќ, која од здравствени причини не беше присутна на судењето, а преку адвокатот се изјасни како виновна, ќе и биде изречена казна на наредното рочиште.

„Обвинетите за да обезбедат материјална корист, изработувале лажни патни исправи за претходно креирање на двојни идентитети, користејќи податоци на лица кои имаат право, но никогаш не побарале и не се стекнале со македонска патна исправа. Ваквото постапување довело до загрижувачки последици, односно издавање на патни исправи на лица со криминално досие, лица кои биле барани со меѓународни потерници, за тешки кривични дела, со што овозможиле слободно преминување на државните граници“, рече судијката Оља Ристова.

Обвинетите Фарук Буки, Весна Колевска, Оливера Софрониевска, Бранислава Владичевска и Шемседин Јашари, рекоа дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар, по што постапката за нив беше раздвоена и продолжува на 7 мај годинава.

Во случајот обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување.

Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.

Scroll to Top