За лицата кои ги изгубија работните места издвоени се 24,5 милиони евра

пред 3 години

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот оваа година изнесува 1,5 милијарди денари и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица, информираа вицепремиерот за  економски прашања, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири и постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Нарине Сахакјан.

„Со вкупен буџет од околу 24,5 милиони евра, овогодинешниот оперативен план ќе го зајакне и поддржи пазарот на трудот во земјава за надминување на последиците од Ковид кризата“, истакна вицепремиерот Битиќи.

Тој посочи дека важно при имплементацијата на  Оперативниот план е тоа што тој ќе биде поддршка на оние кои ги изгубија своите работни места во кризата, нивното враќање на пазарот на трудот е инклузивно и поттикнува рамномерен регионален развој.

„Целта на Оперативниот план е различни ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица кои ја загубиле работата поради корона кризата, побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот“, потенцираше министерката Шахпаска.

„Преку мерката „Економија на грижа“, односно Обука и вработување на лица за услуги на грижа во заедницата за лица со попреченост и лица со хронична болест, обезбедуваме обука за невработени лица за стекнување стручни квалификации и вештини. Во наредните 10 месеци тие ќе обезбедуваат грижа за лицата со попреченост и за лицата со хронични болести и за тоа ќе добиваат месечен надоместок од 30.780 денари. Со оваа мерка се опфатени 150 лица“, посочи Шахпаска.

„Почнувајќи од денес невработените лица и работодавачите ќе може да аплицираат за програмите и мерките за вработување за кои утрово се објавени јавни огласи, односно за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, програмата Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи“, информираше  директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири.

Scroll to Top