Земјава испраќа помош во Турција по катастрофалниот земјотрес

пред 1 година

Македонската Влада попладнево одржа вонредна седница, со цел обезбедување итна помош за Турција, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани, како и големи материјални штети.

МНР информираше дека има државјани од Северна Македонија во погодените подрачја во Турција, кои се наоѓаат на безбедни локации и меѓу кои нема жртви и повредени. Почесниот конзулат, според информацијата од Министерството за надворешни работи, има подготвено планови за сместување, брза медицинска помош и поддршка со храна и пијалаци за наши државјани, доколку за тоа се појави потреба.

Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Република Турција (Анкара и Истанбул), да ги координира активностите за евакуација на државјаните на Република Северна Македонија од погодените подрачја.

Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, го задолжи Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес;

„Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција;

Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош;

Се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови“ се дел од заклучоците од вонредната владина седница.

Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално – текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Scroll to Top