Ковид-биланс: Речиси 80 илјади дијагностицирани, над 22 илјади активни, 2274 починати

пред 3 години

На инфективните одделенија и ковид-центрите во болниците, според вчерашната статистика на Министерството за здравство, се лекуваат 1238 пациенти позитивни на коронавирусот – 470 се во Скопје и 768 во болниците во другите градови. Од 470-те хоспитализирани во главниот град, 186 лежат во ковид-центрите на интерните клиники, 144 на Инфективната клиника, 102 во ГОБ „8 Септември“ и 38 во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле.

Бројот на пациенти кои се примаат во болниците се намалува, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче, кој очекува дека новите рестриктивни мерки што ќе важат до 20 јануари ќе дадат уште подобри резултати, но и дека граѓаните со својата свест и совест треба сериозно да им помогнат на здравствените работници.

За едно деноноќие, според податоците од вчера, во ковид-центрите во Скопје биле хоспитализирани 36 пациенти поради компликации од коронавирусот. На интерните клиники биле примени 14, а во ГОБ „8 Септември“ и на Инфективната клиника по 11 нови пациенти. На домашно лекување, пак, биле пуштени 39 оздравени пациенти од скопските болници.

Во изминатото деноноќие беа регстрирани нови 815 случаи на КОВИД-19 од направени 2664 тестирања. Починале 20 лица, а оздравеле 396 пациенти.

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата достигна 77 949, оздравени се 53 345, битката со коронавирусот ја загубија 2274, а активни во моментов се 22 330 лица. Досега се направени 379 229 тестирања на КОВИД-19.

Scroll to Top