Левица: Османи и Симовски да објаснат за скандалот со веќе внесените матични броеви при попишување на дијаспората

пред 3 години

Политичката партија Левица соопшти за реакцијата на повеќе македонски иселеници кои при обидот за внесување на матичен број, добиле известување дека матичниот број веќе е внесен во апликацијата – иако прв пат се регистрирале.

Од партијата нагласуваат дека ова претставува сериозен пропуст, затоа што се работи за лични податоци чиј пристап е заштитен со закон и било каква злоупотреба на истите претставува кривично дело.  Бараат објаснување од министерот за надворешни работи, Бујар Османи и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

„Се поставува прашањето, дали поради слабиот одзив за попишување во дијаспората, Владата се обидува со фалсификување податоци вештачки да ја зголеми бројката на попишани лица?

Фактот дека се работи за апликација која беше креирана преку донација од бугарска фирма, чиј претставник во Македонија е поранешна советничка на Кочо Анѓушев, уште повеќе ги зголемува сомнежите за политички договори околу пописот. Во самата методологија на пописот, меѓу другото, не постои дистинкција помеѓу резидентно и нерезидентно население, поради што се сомневаме дека власта ќе ги злоупотреби бројките на нерезидентното население за да прикаже поголема популација од реалната.

Ова е уште еден непоколеблив показател дека Владата предводена од СДСМ со сите методи и злоупотреби се обидува политички да профитира од пописот и затоа Левица одбива да учествува во нелегитимен и нелегален попис, кој има за цел единствено да ги задоволи апетитите на владејачката коалиција“, наведува политичката партија преку соопштение.

Scroll to Top