Лекарите специјализанти: Неeтички е да се бара да работиме во ковид-центрите без здравствено осигурување

пред 3 години

Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) во отворено писмо до јавноста и премиерот Зоран Заев порачува дека спротивно на основните човечки приципи е да се бара специјализант без здравствено осигурување да работи во ковид-центар.

„Правото на живот и здравје е загарантирано со конвенција за човекови права, а приватните специјализанти не треба да бидат исклучок од тоа“, се наведува во пораката.

Во неа се додава дека сечиј труд треба да биде признаен преку негова адекватна валоризација и дека во тоа име мора да има платени дежурства за секој специјализант до крајот на специјализацијата.

„До кога Државата и Министерството ќе дозволуваат и толерираат специјализантот да биде поставен на маргините на здравствениот систем? До кога ќе биде потребно јавно да апелираме за стекнување на основните права и услови кои ни следуваат? Не претставувајте не пред општеството како да бараме премногу. Запомнетe, ние го бараме само основното.
Приватните специјализанти, потребно е да лечат пациенти во јавно здравствените установи, но доколку тие самите станат потенцијални пациенти, тогаш за нив јавното здравство не постои“, велат од ЗЛС.

Од таму додаваат дека уште од минатата година изработиле неколку симулации на буџет за дежурства кој ги опфаќа сите државни и приватни специјализати и истиот на месечно ниво изнесува нешто помалку од 25 илјади евра, сума која ,како што велат, не би го оптоварила ФЗОМ.

„Кога се соочуваме со скоро исполнети болнички кревети и исцрпен кадар, секој специјализант посакува да му се овозможат хумани услови за да може да се приклучи на борбата. Овозможете ни да им помогнеме на нашите пациенти и истоштениот систем, рамо до рамо со останатите колеги“, се наведува во обраќањето на ЗЛС до премиерот Заев.

Scroll to Top