Македонците со примена вакцина или негативен тест од 14 мај може да патуваат во Грција

пред 3 години

Потврда дека границата со Грција се отвора за нашите граѓани на 14 мај, стигнала за министерот за здравство, Венко Филипче.

Патувањето во соседната земја ќе биде условено со сертификат за примени вакцини или негативен ПЦР-тест, а се преговара и за прифаќање на резултатите од брзи антигенски тестови.

„Вчера разговарав со грчкиот министер за туризам Харис Теохарис кој потврди дека границата се отвора на 14 мај, а за тоа ќе добиеме и официјално известување. Условот е граѓаните кои ќе патуваат да имаат или сертификат за примени вакцини или негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Она што се размислува сега, за некои земји, не само за Грција, е да може да се патува и врз основа на брз антигенски тест. За тоа ќе не известат во следниот период“, рече денеска Филипче.

Македонците вакцинирани во Србија, ќе можат да патуваат со документот за вакцинација издаден од српските здравствени власти.

Министерот вели дека тој документ се признава оти го има истиот код кој што го имаат и сертификатите за вакцинација што ги издаваат нашите здравствени власти.

Во Србија се вакцинираа околу 15.000 Македонци. Голем дел од нив ја примија вакцината од „Астра зенека“ од која втората доза е за три месеци.

Тие се уште чекаат одговори од здравствените власти како да постапат за втората дози, оти кај нас оваа вакцина е забранета за лица под 60 години поради згрутчувањето на крвта поврзано со вакцината.

За нив Македонија и Србија се во преговори и за локацијата каде што ќе можат да ја примат втората доза. Србија извести дека веќе им резервирала втори дози на сите вакцинирани кај нив, но предложи, доколку се утврди дека е така полесно овие вакцини да ги отстапи на Македонија за граѓаните да можат дома да ја примат втората доза.

Scroll to Top