Мијалков во Лондон не договарал набавка на опрема за УБК, тврди неговата одбрана

пред 3 години

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет во случајот „Трезор”, според неговата одбрана, во јули 2010 година во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК.

– Не е точно дека Мијалков од 7.7.2010 – 9.7.2010 во Лондон со компанијата ГАМА договарал набавка за било каква опрема на УБК при МВР. Целото обвинение е конструкција, изјави адвокатот Петар Василев.

Во моментов во Кривичниот суд Скопје се дават завршните зборови од адвокатите на обвинетите во случајот „Трезор”.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.

Во завршниот збор, Обвинителството, рече дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од Буџетот на државата.

Според обвинението во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

Scroll to Top