Муцунски: Пендаровски и Филипче имаат одговорност за срамот со вакцинацијата

пред 3 години

При денешната посета на Ресен од страна на пратеникот Тимчо Муцунски беа отворени повеќе прашања, меѓу кои и преписката помеѓу претседателот на државата Пендаровски и министерот за здравство Филипче.Тој потенцираше дека тие слики на граничниот премин Табановце кон Србија навистина се срамни за државата и во таа насока се согласува со изјавата на претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и како политичка партија, но и одредени поединци тоа веќе го кажаа.

„ За жал видовме една преписка во која што претседателот на државата и министерот за здравство се докажуваа кој помалку направил за да се обезбедат вакцини. Тие се носители на функции во извршната власт и имаат свои надлежности. Да, министерот за здравство во здравствената политика, но претседателот Пендаровски во делот на надворешната политика. Тие треба да седнат и да видат зошто заеднички доволно не направиле.

Одговорноста е заедничка, немањето на капацитет на обезбедување на вакцини, ова срамно ниво на имунизација кое што го имаме под сите регионални стандарди, да не зборуваме надвор од регионот е одговорност на сите чинители во извршната власт. Дали е ова некоја фасада, дали е ова некоја вештачка драма за дефокус на јавноста, не сакам да навлезам во тоа да коментирам. Но, сите имаат одговорност вклучително и претседателот на државата, вклучително и министерот за здравство за тој срам кој што не треба да се повтори“, истакна Муцунски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека тие се сите чинители од еден ист политички субјект.

„ Кога зборуваме за кохабитација помеѓу двајца чинители од еден ист субјект ќе се очекува дека тие се познаваат, веруваат кон исти политики, одат во реализација на исти политики и затоа ова е една чудна појава во времиња кои се најтешки за државата. Нормално е да очекувате дека во процесот на набавка на вакцини, покрај министерство за здравство ќе биде вклучена и целата мрежа надворешно политичка.

Голем дел од ингеренциите во надворешната политика се токму кај претседателот на државата и се согласувам дека и тој има одговорност зошто тие не успеале. Очигледно немале добра комуникација, очигледно не соработувале, прашањето треба кон нив да го поставиме. Но, реалноста е дека кој и да е одговорот, фактичката состојба е срамна и катастрофална на терен и ја гледаме секојдневно за жал. Јас не би сакал тоа да е така и сите би се радувале да бевме ние први по вакцинација со многу помалку заболени, но фактичката состојба на терен е срамна и одговорноста е кај сите носители во извршната власт“ нагласи Муцунски.

Scroll to Top