Нов дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост до крајот на годинава

пред 4 години

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска изврши увид во напредокот на реконструктивниот зафат во еден од објектите на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје.

Од МТСП информираат дека градежните работи и опремувањето, започнати во септември, се одвиваат со планираната динамика и ќе завршат до крајот на годинава, кога во реновираните простории ќе започне со работа нов дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост на возраст помеѓу 14 и 26 години.

Капацитетот на дневниот центар ќе биде 25 корисници.

„Во изминатите неколку години, во заводот функционира дневен центар што обезбедува стручна поддршка и дневно згрижување за триесетина деца, млади и возрасни со интелектуална попреченост. Отворањето на вториот дневен центар ќе овозможи подобри просторни услови за стручна, индивидуална и групна, работа со корисниците, согласно нивната возраст и лични потреби. Со тоа, Министерството излезе во пресрет на барањата и потребите на семејствата на децата со попреченост од Скопје и околината“, соопштија од Министерството.

Министерката Шахпаска најави дека ќе биде зајакнат капацитетот на институцијата за современа професионална рехабилитација на младите и лицата со интелектуална попреченост, а корисниците кои се сместени во заводот во наредните две години ќе бидат згрижени во групни домови со поддршка во заедницата.

Scroll to Top