Обвинителството ќе гони 11 лица за лажните пасоши

пред 3 години

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе две кривични пријави – едната од Единицата за финансиски криминал при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал-Сектор за криминалистички истраги и втората од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Со пријавите се опфатени вкупно 11 лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Постапката што ја отвори денеска Јавното обвинителство се однесува на незаконско издавање на патни исправи од надлежни организациони единици за издавање на овие документи. Притоа 10 од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање на пасоши, додека едно лице, како поттикнувач, посредувало при незаконското издавање на документите. Со двете поднесени кривични пријави опфатени се вкпуно 219 незаконски издадени пасоши.

Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со патна исправа на Република Северна Македонија под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората.

Со втората пријава, пак, се опфатени 4 незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на 1 лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.

Постапувајќи по двете кривични пријави, Обвинителството до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против осум лица, од кои едно е недостапно на органите на прогонот, додека против две лица е поднесен предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавуваат кај определно службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело. Еден од осомничените, пак, веќе се наоѓа во притвор по претходен предмет за незаконско издавање возачки дозволи.

Scroll to Top