Одбор за свикување на вонреден конгрес: Мицкоски овие четири години стана синоним за пораз

пред 3 години

Еуфоријата на сѐ уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за одложувањето на вонредниот конгрес покажува колку е тој очаен и колку го интересира само сопствената функција, велат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Мицкоски овие четири години станал синоним за пораз.

„Христијан Мицкоски успеа да ги загуби изборите во Ново Село и покрај тоа што градоначалникот познат како Боро-Малборо беше фатен во шверц на цигари. Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и локалните избори во Охрид, иако дури и Гордана Силјановска таму победи. Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и претседателските и парламентарните избори во 2019 и 2020 година. Христијан Мицкоски избега од изборно соочување во Штип и избега од заземање на став по однос на референдумот“, се наведува во соопштението.

Очекувано е, се додава во соопштението, човек кој доживеал целосен дебакл да се радува само затоа што се одложило неговото заминување од функцијата.

„Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови, додека останатите членови се соочуваат со драконски казни. Нема член на СДСМ кој не смета дека „Мицкоски треба да си го пазат како очи во глава“ и дека тој е омилениот спаринг партнер кој си го нокаутираат по договор. Мицкоски и нанесува штета и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија. Мицкоски има неколкукратно понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и ја влече партијата надолу, а меѓу два изборни циклуси успеа да загуби 150 000 гласови“, велат од Иницијативниот одбор.

Од таму сметаат дека колку порано Мицкоски си замине од претседателската функција, толку подобро и за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ.

„Јасно е дека тој нема капацитет да ја води партијата. Отпорот против Мицкоски во партијата се зголемува и се ближи крајот на неговите партиски бизниси“, веат од Иницијативниот одбор за организирање на вонреден конгрес.

Scroll to Top