Општина Аеродром го повлекува конкурсот за новинари

пред 3 години

Општина Аеродром донесе одлука да го повлече неодамнешниот конкурс за новинари за промоција на европските вредности. Конкурсот се однесуваше на новинарски статии од областа на заштитата на животната средина, модернизација на урбаното живеење, подобрување на квалитетот на живот и руралниот развој.

Одлуката за повлекување на повикот е донесена по денешната средба на градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, со претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски и со извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

„Иако нема законски ограничувања, ниту пак, се очекуваше необјективност при известувањето, сепак, Општината одлучи да го повлече новинарскиот повик. Претставниците на ЗНМ на средбата ја поздравија одлуката за повлекување на конкурсот и истакнаа дека треба да се избегнуваат вакви практики со цел да не се добие впечаток дека со јавни пари може да се влијае на начинот на известување на новинарите“, соопшти Општината.

Целта на ваквата одлука, појаснуваат од таму, е да се исклучи и најмалото зрнце сомнеж во јавноста за искрените намери на Општината.

„Аеродром со конкурсот сакаше да поттикне независниистражувачки стории на теми поврзани со европски вредности, особено кај младите и талентирани новинари. Би сакале да им се заблагодариме на сите што досега покажаа интерес за учество на конкурсот и веруваме дека ќе продолжат да ја информираат јавноста за нашата европска агенда професионално, независно и објективно“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top