Пендаровски потврди средба со Мицкоски: Ќе разговараме за повеќе актуелни теми

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ќе се сретнат во петок потврдуваат од Кабинетот на шефот на државата. Оттаму без детални информации за што ќе се разговара. Само потврдуваат дека средба ќе има.

Средбата, како што кажа Мицкоски, а потврди Пендаровски е на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Истата ќе се одржи во петок. Од Кабинетот на претседателот велат дека ќе се разговара на повеќе актуелни теми.

Мицкоски на брифингот со новинарите веќе кажа дека една од темите е овозможување на повторно судење за обвинетите за крвавите инциденти во Собранието, по насилниот упад на 27 април 2017 година. Телефонскиот разговор меѓу Мицкоски и Пендаровски кој резултирал со договор за средба, го остварил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешниот ден.

Мицкоски на брифингот потенцираше дека не бара амнестија за обвинетите за настаните од 27 април, туку шанса за фер судење на обвинетите за тоа што го направиле, бидејќи се осудени за тероризам, а тероризам немало.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, во август минатата година кажа дека неговата партија ги замрзнува односите со Пендаровски, бидејќи претседателот на државата му го додели мандатот за формирање Влада на Зоран Заев и СДСМ, без како што тврдеше, да има парламентарно мнозинство.

Scroll to Top