Петровска: Да се истражи финансискиот скандал на ВМРО-ДПМНЕ со германскиот пратеник

пред 3 години

Надлежните институции да постапат во врска со финансискиот скандал на ВМРО-ДПМНЕ со германскиот пратеник, Тобијас Цех, порача пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.

Таа денеска пред новинарите, јавно ги повика сите надлежни институции да го истражат овој случај и да ја информираат јавноста за наодите.

„Клучни прашања на кои истрагата треба да даде одговор се: од каде се овие пари и на кој начин се исплатени? Според пишувањата на германските медиуми, Шпигел и Фокус, станва збор за петоцифрена сума, 50.000 евра кои му биле исплатени на германскиот пратеник за консултантски услуги. Дали овие пари се пријавени во финансиските извештаи и завршните сметки на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 и 2017 година? Кој е одговорен? Христијан Мицкоски кој во тоа време бил советник на Груевски а потоа и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе на јавноста и да одговори на овие прашања“, рече Петровска.

Пратеникот на владејачката ЦСУ во Бундестагот, Тобијас Цех, поднесе оставка на функцијата по откривањето дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Цех во ноември 2016 се појави и на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања. Германските медиуми објавија дека тој имал договор за ПР-консалтинг со тогашната владејачка партија во Македонија и 50.000 евра на своето конто. Цех одбил за „Шпигел“ да одговори дали лично ги организирал средбите на Груевски во Берлин и Минхен, но функционери на ЦСУ, кои биле на средбите, потврдиле за магазинот дека иницијативата била на Цех.

Scroll to Top